
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, денеска одржа работна средба со претставниците на трите најголеми стопански комори во земјава – Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК). На средбите беше презентирана активната мерка „Вработување и раст на правни субјекти“, која се реализира во рамките на овогодишниот Оперативен план за вработување.
Оваа владина мерка е директно наменета за поддршка при креирање на нови работни места во микро, малите и средните претпријатија, како и во социјалните претпријатија и граѓанските организации во земјата.
Финансиска поддршка до 1.250.000 денари по компанија
Како што појаснуваат од Министерството за економија и труд, главниот фокус на Оперативниот план за оваа година е насочен кон отворање перспективи за невработените лица и поддршка на приватниот сектор.
„Креирањето на нови работни места е приоритет за Владата и Министерството за економија и труд, а годинава преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година создаваме повеќе од 3.500 нови работни места. Со мерката ‘Вработување и раст на правни субјекти’ обезбедуваме поддршка на компаниите за зголемување на бројот на вработени, годинава со оваа мерка ќе бидат опфатени 1.385 лица, а вкупниот буџет изнесува 332.650.000 денари или околу 5,4 милиони евра“, изјави заменик-министерот Марјан Ристески.
Според условите од јавниот повик, деловните субјекти можат да аплицираат за финансиска поддршка за најмногу пет работни места. Вкупната поддршка која може да ја добие една компанија се движи од 800.000 до 1.250.000 денари, во зависност од целната група на невработени и бројот на одобрени вработувања. Како дополнителен стимул за вработување на младински кадар, за секое вработено младо лице до 29 години е предвиден највисокиот износ на финансиска поддршка во вредност од 250.000 денари.
Јавниот повик е отворен до 24 јули
Од Министерството за економија и труд информираат дека јавниот повик е активен и ќе биде отворен за пријавување до 24 јули 2026 година. Заменик-министерот Ристески и коморските претставници упатија заеднички апел до сите заинтересирани компании кои ги исполнуваат пропишаните услови да аплицираат во центрите за вработување.
Сите детални информации околу критериумите и потребната документација за аплицирање бизнисите можат да ги добијат во работните клубови на Центрите за вработување низ земјава, на телефонскиот број 02/3111-850 или преку официјалната веб-страница на Агенцијата за вработување.
