
Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума е селектиран во главната натпреварувачка програма за игран филм на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што ќе ја има својата европска премиера и ќе се натпреварува за престижното Срце на Сараево. Истовремено, филмот ја освои и наградата „Камингс“ како победник во конкуренцијата „Во духот на слободата“ на 43. Филмски фестивал во Ерусалим.
Учеството во Сараево има посебна симболика бидејќи филмот се враќа на фестивалот како завршено остварување, откако во 2022 година токму на индустриската платформа „CineLink Industry Days“ ги освои наградите „Film Centre Serbia CineLink Award“ и „Female Voices CineLink Award“ како проект во развој. Фестивалот во Сараево ќе се одржи од 14 до 21 август 2026 година.
Престижни признанија и награда од Ерусалим
Жирито на фестивалот во Ерусалим, во состав Исак Заблоцки, Нир Бергман и Рони Абулафија, во образложението ја истакна силата на филмот во прикажувањето на женското растење, дискриминацијата и односите на моќ во ограничувачка средина. Наградата во Ерусалим доаѓа по светската премиера на филмот на фестивалот Трајбека во Њујорк, каде Дина Дума ја освои наградата „Нора Ефрон“.
„Филмот ја следи приказната на сестрите Адела и Зара, чија блискост е ставена на тест кога традиционалните очекувања и економската неизвесност се закануваат да ги разделат“, стои во соопштението за филмот, чие сценарио го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, додека во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимет Абдула.
Филмот е меѓународна копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, поддржан од Агенцијата за филм, со продуценти Лабина Митевска, Себастијан Делоа, Даниел Хочевар и Вања Сремац. Продукцијата „Сестри и брат Митевски“ на фестивалот во Сараево ќе биде застапена и со филмот „Мајка“, кој ќе се прикаже во селекцијата „Во фокус“.


