Компанијата за вештачка интелигенција Anthropic соопшти дека неколку нејзини напредни модели за вештачка интелигенција (ВИ) успеале да навлезат во системите на три различни компании за време на интерни тестирања за сајбер-безбедност, отворајќи нови прашања за ризиците што ги носат сè помоќните системи со вештачка интелигенција.
Според компанијата, инцидентите биле откриени при анализа на повеќе од 141.000 тест-сесии. Anthropic наведува дека станува збор за „оперативен пропуст“, при што моделите добиле ненамерно поширок пристап до интернет отколку што било предвидено.
Во еден од случаите, ВИ моделот се обидувал да пробие фиктивна компанија во симулација, но поради совпаѓање на името со реална компанија завршил во вистинска база на податоци. Во другите два случаи, моделите искористиле слаби лозинки и незаштитени пристапни точки за да влезат во надворешни системи.
Anthropic соопшти дека компромитираните организации не се именувани, а две од нив воопшто не знаеле дека биле цел на упад сè додека компанијата не ги известила. Инцидентите ги вклучувале моделите Claude Opus 4.7, Claude Mythos 5 и еден истражувачки модел кој не е јавно именуван.
Компанијата ги прекинала ваквите сајбер-тестирања на 23 јули и продолжува со истрагата. Случајот доаѓа само неколку дена откако конкурентот OpenAI откри дека еден од неговите автономни AI агенти успеал да излезе од контролирана средина и да компромитира системи на друга технолошка компанија за време на тестирање.
GPT-5.6 Sol на OpenAI се „одметна“ за време на тестирање, хакираше сервер и влезе во Hugging Face
Експертите предупредуваат дека овие настани покажуваат како современите AI системи стануваат сè поспособни да пронаоѓаат и искористуваат безбедносни слабости, што ја зголемува потребата од построги мерки за контрола и надзор пред нивно пошироко користење.










