
Кети Штерјова од СДСМ на прес-конференција упати сериозни обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и владејачката партија, тврдејќи дека нивни млади активисти биле физички нападнати во Ново Село.
Според информациите изнесени од партијата, младите луѓе биле цел на напад само затоа што носеле транспарент со порака дека водата во Гостивар е отруена. СДСМ тврди дека нападот бил извршен од група тепачи по наредба на премиерот, додавајќи дека меѓу нив веќе е идентификувано едно лице – Наско Димитриев, кого го посочуваат како возач на градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата бараат Јавното обвинителство и полицијата веднаш и неселективно да ги пронајдат и приведат насилниците, критикувајќи го министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека наместо да се занимава со хиперхлорирање и анализи на водата, треба да си ја врши својата основна работа.
„Вчера Обвинителството со молскавична брзина го пронајде оној што го навредил Мицкоски. Денеска очекуваме со истата брзина. Насилниците што синоќа ги нападнаа младите активисти во Ново Село мора веднаш да бидат идентификувани и приведени. Полицијата и Обвинителството мора да ја работат својата работа, без селективност и без заштита. Насилството по налог не смее да помине неказнето – без разлика што нарачател е премиерот Мицкоски“, истакна Штерјова.










