ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: Втор ребаланс за четири месеци, власта крати од инвестиции за да плаќа кредити и го турка народот во должничко ропство

Со вториот ребаланс на буџетот во само четири месеци, власта крати околу 93 милиони евра од капитални инвестиции наменети за патишта, училишта и болници, додека парите за отплата на кредити остануваат негибнати, обвинуваат од опозициската СДСМ. Според партијата, намалувањето на приходите и расходите за по околу 86 милиони евра и задржувањето на дефицитот на 4,1 процент од БДП е доказ дека државната каса се крои на штета на граѓаните, додека земјата тоне во долгови.

Од СДСМ предупредуваат на алармантен раст на јавниот долг, посочувајќи дека за две години тој е зголемен за околу четири милијарди евра, што претставува повеќе од половина од вкупниот долг на државата од осамостојувањето. Опозицијата алармира и за дупка од околу една милијарда евра во пензискиот фонд (ПИОМ), како и за најавите за ново домашно задолжување преку граѓанска обврзница и издавање еврообврзница следната година со камата над 6 проценти. Земањето нов кредит за да се исплати стар, според СДСМ, не е развој, туку должничко ропство.

Партијата остро ја критикува и новата владина методологија за пресметка на потрошувачката кошница, која за август изнесува околу 60.000 денари. Според СДСМ, оваа сума е скроена да одговара на власта бидејќи не ги вклучува трошоците за кирија или станбен кредит, посочувајќи дека синдикалната кошница е за над 10.000 денари повисока, а со вклучена кирија достигнува и до 90.000 денари. Од таму додаваат дека дури ни две минимални плати не можат да ја покријат новата, намалена кошница, додека над 70 проценти од граѓаните земаат плата помала од просечната.

Опозицијата се повикува и на последниот извештај на Светска банка, кој, како што велат, потврдува дека земјата е на ниво од само една третина од европскиот стандард и 17 години е заглавена во транзициска стапица. Наместо мерки за граѓаните, обвинуваат од СДСМ, власта турка проекти за туѓи интереси, додека цехот од нереагирањето на кризата го плаќа исклучиво народот.

Back to top button