ВЕСТИИМПУЛСПОЛИТИКА

Од препирки за „талогот“ до инцидент со Мицкоски во Ташмаруништа: Нова рунда обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштенија влегоа во остра меѓусебна пресметка околу илинденскиот говор на премиерот Христијан Мицкоски во Пелинце и случувањата при неговата посета на струшкото село Ташмаруништа.

Од СДСМ го обвинија Мицкоски дека го искористил најголемиот државен празник за да ја продолжи поделбата на народот. Според опозицијата, премиерот во својот говор ги нарекол „талог што ја труе Македонија“ сите оние што не мислат како него и кои ја разобличуваат неговата политика. Дополнително, партијата праша што точно се случило за време на посетата на Мицкоски на Ташмаруништа, тврдејќи дека граѓаните вербално го нападнале поради незадоволство од, како што велат, катастрофалната економска состојба, неисполнетите ветувања и труењето со вода.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се препозна во зборот „талог“

ВМРО-ДПМНЕ возврати на обвинувањата, истакнувајќи дека СДСМ самиот се препознал како „талог“ во говорот на премиерот, со што, според нив, партијата потврдила дека е во координација со надворешни агентурни центри.

Од владејачката партија имаа објаснување за инцидентот во Ташмаруништа. Тие посочија дека додека Мицкоски се движел меѓу народот, едно лице под дејство на алкохол се обидело да испровоцира инцидент дофрлајќи непримерни зборови.

„Лицето било изолирано од присутните граѓани и легитимирано од страна на припадници на МВР. При легитимирањето лицето извадило бугарска лична карта и бугарска патна исправа“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата упати и директни критики кон лидерот на опозицијата, Венко Филипче, порачувајќи дека тој празникот го честитал преку снимени пораки и „заговори на скапи јахти“, додека премиерот бил меѓу граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ порача дека и покрај „конструкциите темелени на ужасни лаги“, нема да направат никакви отстапки на штета на идентитетот и државата.

Поврзани вести

Back to top button