ВЕСТИСВЕТ

„Остануваме во Киев“: Европските амбасади ги отфрлија руските предупредувања за евакуација

Европските амбасади одбиваат да го напуштат Киев и покрај руските закани за нови масовни воздушни напади, јавно потврдувајќи ја својата поддршка за Украина. Амбасадите на Германија, Италија, Шпанија и Шведска објавија усогласени пораки со кои го отфрлаат заплашувањето по предупредувањето од руското Министерство за надворешни работи странските државјани и дипломатскиот персонал да не остануваат во Украина, пренесува „Kyiv Post“.

Во нивните пораки тие порачаа дека остануваат во Киев, изразувајќи загриженост поради руските закани и повикувајќи ја Москва да ги почитува Виенската конвенција и меѓународното хуманитарно право. Уверувања дека мисиите ќе продолжат со работа во украинскиот главен град дадоа и Франција, Полска, Естонија, како и Европската Унија.

Амбасадорката на ЕУ во Украина, Катарина Матернова, изјави дека сите 25 земји-членки на ЕУ кои имаат амбасади во Киев го задржуваат своето присуство, заедно со Делегацијата на ЕУ и Советодавната мисија на ЕУ. Според неа, руските закани се израз на фрустрација поради неуспехот на бојното поле. Таа додаде дека не е запознаена со подготовки за заминување на ниту една амбасада, истакнувајќи дека заканите само ја зајакнале нивната одлучност. Полското Министерство за надворешни работи експлицитно отфрли промени во работата на својата амбасада, оценувајќи дека обновените повици од Москва имаат цел да ја заплашат Европа. Естонија и Франција исто така го потврдија своето дипломатско присуство.

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, им се заблагодари на странските дипломати што продолжуваат со работата и покрај заканите, повикувајќи ги сојузниците да ја зајакнат украинската противвоздушна одбрана и да воведат ефективни санкции за рускиот воено-индустриски комплекс.

Британски „Гардијан“ претходно објави дека се подготвуваат планови за преместување на персоналот во западниот град Лвив или во источна Полска доколку Кремљ почне намерно да ги таргетира дипломатските објекти. Украинското Министерство за надворешни работи го демантираше овој извештај, при што портпаролот Хеорхиј Тихиј потврди дека до украинските власти не се пристигнати никакви барања за релокација.

Портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, ги отфрли заканите издадени на 3 октомври од руското Министерство за надворешни работи. Москва официјално ги предупреди странските државјани и акредитираните дипломати во Киев на „смртна опасност“, најавувајќи масовни воздушни напади низ главниот град и префрлајќи ја одговорноста за можните последици врз оние кои ги игнорираат нејзините предупредувања.

Back to top button