
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за лицемерие, посочувајќи дека тој сега се обидува да се претстави како жесток критичар на српскиот претседател Александар Вучиќ, иако во минатото заедно со Зоран Заев граделе блиски односи и „седеле на пијанки до раните утрински часови“.
Од партијата тврдат дека Филипче, Заев и Вучиќ имаат ист омилен пејач, Харис Џиновиќ, кој ги забавувал на приватни забави, потсетувајќи на јавно објавени видеа од нивни прослави во Дубаи. Во соопштението се додава дека граѓаните се сеќаваат како Филипче со највисоки почести го пречекувал Вучиќ на границата, обвинувајќи дека во периодот на нивното владеење марихуаната на големо се извезувала за Србија.
Врските меѓу раководството на СДСМ и Вучиќ, според ВМРО-ДПМНЕ, биле длабоки и се одразувале и на кадровските политики. Владејачката партија обвинува дека Заев и Филипче поставиле „човек на Вучиќ“ за директор на ЕСМ, додека за шеф на односи со јавноста во партијата го именувале неговиот кум, Башановиќ. „Венко Филипче и Александар Вучиќ се едно исто. Прво падна СДСМ, а по нив сега падна и Вучиќ“, се заклучува во партиското соопштение.









