
Писателот Венко Андоновски и професорите Димитар Пандев, Ѓулумсер Касапи и Владо Поповски се овогодишните добитници на највисокото државно признание за животно дело „11 Октомври“ за 2026 година, информираат денеска од Министерството за култура и туризам.
Според соопштението од Министерството, одлуката ја донел Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“, со кој претседава проф. д-р Светозар Антовиќ.
Како што се наведува во одлуката на Одборот, за животно дело во областа на културата и уметноста, престижната награда му се доделува на истакнатиот писател проф. д-р Венко Андоновски.
Во областа на науката и образованието, Министерството соопшти дека наградата ја делат тројца истакнати професори: лингвистот проф. д-р Димитар Пандев, универзитетската професорка д-р Ѓулумсер Касапи и докторот по историски, политички и правни науки, проф. д-р Владо Поповски.
Од Министерството за култура најавуваат дека свеченото врачување на наградите на овогодишните лауреати ќе се одржи на самиот државен празник, 11 октомври (недела), со почеток во 12:00 часот, во зградата на Собранието на Република Северна Македонија.


