
Младите актери на Драмскиот театар Скопје, Нина Елзесер и Марјан Наумов, освоија награди на 29. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово. Елзесер ја доби наградата за споредна женска улога за ликот на Луси, додека Наумов е прогласен за најдобар млад актер за улогата на Миле во претставата „Болва в уво“.
Хит-претставата, работена по текстот на познатиот француски автор Жорж Фејдо, а во режија и адаптација на Синиша Евтимов, настапи во натпреварувачката програма на фестивалот кој се одржа од 23 септември до 5 октомври. На годинашното издание беа изведени вкупно 11 претстави од театри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Бугарија.
„Болва в уво“ претставува динамична театарска машина во која еден мал сомнеж предизвикува лавина од недоразбирања. Во режисерското читање на Евтимов, зад механизмот на класичната фарса стои свет во кој сите зборуваат, но никој вистински не слуша, а љубомората и лагата стануваат главна движечка сила. Покрај наградените, во бројната актерска екипа настапуваат и Дениз Абдула, Ања Митиќ, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски и други.
Скопската публика ќе има можност повторно да ја проследи претставата в четврток (10 октомври) со почеток во 20:00 часот на големата сцена на Драмскиот театар.
