Синдикалната кошница се искачи на речиси 70.000 денари, малку се и две минимални плати за основните трошоци
Синдикалната минимална кошница на ССМ достигна 69.432 денари, а со кирија над 84.800 денари. Со грејната сезона и две минимални плати се премалку за живот.

Вредноста на синдикалната минимална кошница за едно четиричлено семејство достигна 69.432 денари, додека за домаќинствата што живеат во изнајмен стан од 60 квадратни метри минималните месечни трошоци се искачија на 84.807 денари, покажуваат последните официјални пресметки на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Со вчерашниот официјален почеток на грејната сезона на 15 октомври и зголемената потрошувачка на енергенси во пресрет на зимските месеци, притисокот врз семејните буџети дополнително се заострува. Пресметките на синдикатот покажуваат дека ниту две минимални нето-плати во државата, кои поединечно изнесуваат 26.046 денари (односно вкупно 52.092 денари), веќе не можат да ги покријат ниту основните трошоци за живот. На едно работничко семејство со две минимални примања на крајот од месецот му недостигаат точно 17.340 денари за да ја наполни основната потрошувачка кошничка, без трошоци за кирија.
Според структурата на податоците на ССМ, најголем дел од семејниот буџет оди за храна и пијалаци, за што месечно се неопходни 25.259 денари, односно 36,4 отсто од вкупната вредност на основната кошница. Во споредба со претходниот месец, кога кошницата изнесуваше 68.675 денари, животните трошоци се зголемени за 757 денари. На годишно ниво, пак, скокот е драстичен — во однос на септември минатата година, кога беа потребни 65.077 денари, минималниот семеен буџет е поскапен за 4.355 денари (околу 70 евра).
Во јавноста деновиве се отвори и остра дебата околу реалната цена на преживувањето, откако Министерството за економија и труд излезе со сопствена методологија и пресметка за просечната потрошувачка кошница. Според податоците што ги објави министерот Бесар Дурмиши, на четиричлено семејство за основните месечни потреби му се доволни 58.475 денари, од кои 21.132 денари за храна и пијалаци, а 6.370 денари за домување, вода, електрична енергија и греење. Ваквата владина пресметка е за речиси 11.000 денари пониска од синдикалната.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија реагираат дека трошоците за живот континуирано го јадат стандардот на граѓаните и дека достоинствениот живот не смее да се сведе на статистичко преживување. Синдикатите предупредуваат дека со новите сметки за парно греење и електрична енергија јазот меѓу примањата и реалните трошоци уште повеќе ќе се продлабочи, поради што остануваат на барањето за итно зголемување на минималната плата.
Ј. Ѓ.




