Герасимовски ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за градбата кај Кузман, тие возвраќа за корупција и можни милионски отштети

Политичка пресметка меѓу локалната власт и општинската опозиција се отвори во Општина Центар откако на седницата на Советот не помина одлуката за суспензија на спорната градба кај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Градоначалникот Горан Герасимовски ги обвини советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ дека не ја поддржале предлог-одлуката и со тоа го отвориле патот за реализација на објектот, оставајќи ги безбедносните ризици на втор план.
За суспензијата гласале 10 советници, што не било доволно за нејзино усвојување. Според градоначалникот Герасимовски, за градежната парцела постојат сериозни безбедносни и правни проблеми бидејќи единствениот пристап минува покрај резервоар со запаллива материја за греење на студентскиот дом, преку подземни инсталации и легализирани објекти.
Тој јавно праша чии интереси штитат советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ кога не гласаат за суспензија на вака ризична градба, децидно порачувајќи дека на оваа локација не смее да се гради додека не се обезбедат целосно законски и безбедни услови.
„Минатата година Советот со 19 гласа ЗА ја поддржа суспензијата затоа што сите бевме свесни за ризиците што ги носи оваа градба. Денес, проблемите се исти – нема соодветен и безбеден пристап, трасата минува покрај резервоар со запаллива материја, преку подземни инсталации и преку легализирани објекти. И покрај тоа, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ останаа воздржани и не дозволија суспензијата да биде изгласана. Кога знаете дека постојат вакви ризици, а сепак не гласате за суспензија, тогаш оправдано се поставува прашањето чиј интерес штитите – на граѓаните или на инвеститорот? За мене безбедноста и интересот на граѓаните мора да бидат пред секој друг интерес“, изјави Герасимовски.
На овие обвинувања експресно возвратија од ВМРО-ДПМНЕ Центар, нарекувајќи го градоначалникот „Горан бетон“. Од партијата обвинуваат дека локалната власт предводена од кадрите на СДСМ има издадено троцифрен број одобренија за градба, а сега се обидува да стопира објект за кој претходно веќе е дадено одобрение, бидејќи не им успеале одредени намери.
ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека ваквата суспензија би ја чинела општината милионски суми за отштета, потсетувајќи на минатиот случај кога Општина Центар исплаќала 2,5 милиони евра на компанијата „Пелагонија“ поради истите методи. Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека шемите на локалната власт мирисаат на корупција и дека со ваквите неуспешни комбинаторики само се нанесува директна финансиска штета на центарци.







