
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе мора да отпатува во Москва доколку сака директно да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција во Атланта, по првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на Г20.
„Претседателот Путин повеќепати изјавуваше дека, и покрај сè што се случи во текот на последните шест години од претседателствувањето на Зеленски, и натаму е подготвен да се сретне со него. Тоа го изјави откако Зеленски побара средба лице в лице. Претседателот Путин рече дека, ако Зеленски сака да се сретне со него, може да дојде во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност, која, колку што разбирам, не може да биде гарантирана во Киев“, изјави Лавров.
Според шпанската новинска агенција ЕФЕ, Лавров нагласил дека тоа е вообичаена дипломатска практика и дека страната што ја предлага средбата може да ги постави условите за нејзино одржување.
Меѓутоа, Киев ја отфрла можноста за средба во Москва. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха претходно изјави дека Зеленски е подготвен да се сретне со Путин и директно да разговара за територијалните прашања во рамките на напорите за завршување на војната, но дека состанокот не може да се одржи во руската престолнина.
Во интервју за финскиот весник „Хелсингин саномат“, Сибиха посочил дека местото на средбата не е од пресудно значење за Киев, под услов тоа да не бидат Москва или Белорусија. Рускиот предлог за разговори во Москва го оценил како несериозен.
Изјавите доаѓаат во период на обновени дипломатски напори за продолжување на преговорите меѓу Русија и Украина. Зеленски оваа недела изрази надеж дека трилатерална средба со претставници на САД и Русија ќе се одржи во Абу Даби, во периодот од 6 до 10 ноември, при што Киев инсистира и на европско учество во разговорите, објави „Ројтерс“.
Лавров учествува на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Г20 во Атланта, кој се одржува на 30 и 31 октомври.


