ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Сулејмани на конференција во Тетово: Инвестирањето во библиотеките е инвестирање во темелите на општеството

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, денеска во Тетово ја отвори првата меѓународна конференција насловена „Мост на знаењето: Различноста, дијалогот и иновациите во современите библиотеки“. Во своето обраќање, тој ја потенцираше важната улога на библиотеките во развојот на образованието, културата и критичкото мислење.

​Според министерот, инвестирањето во модернизација на библиотеките, дигитализацијата на фондовите и професионалниот развој на кадрите претставува инвестирање во темелите на општеството. Тој посочи дека во време кога информацискиот простор е преплавен со содржини, библиотеките остануваат доверлив и квалитетен извор на знаење, како и простор каде што се чува колективната меморија и се градат мостови меѓу различните култури.

​Сулејмани упати честитки до директорот на Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово, Бинас Пајазити, за организацијата на настанот и најави реализација на нов, поголем проект за оваа институција кој треба да отвори нови перспективи за нејзината дејност. Дводневната конференција, која се одржува на 14 и 15 октомври, собира професионалци, истражувачи и претставници на библиотечни институции од државата и регионот.

Back to top button