
Одлуката за привремено затворање на култниот „Кенеди Центар“ во Вашингтон предизвика бурна реакција кај легендарната пејачка и актерка Барбра Страјсенд, која јавно го прозва американскиот претседател Доналд Трамп поради неговото „неконтролирано его“.
Скандалот кулминираше претходно оваа недела кога федерален судија го блокираше барањето на Трамп да го постави своето име на фасадата на зградата, која инаку претставува жив меморијал за поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди. Официјално, одборот, кој е именуван токму од Трамп, тврди дека затворањето е неопходно бидејќи центарот е пред банкрот и нема средства за плати. Сепак, претходно американскиот претседател отворено се закани дека ќе откаже планирано реновирање вредно 257 милиони долари доколку неговото име не биде поставено на објектот.
По судската блокада, Страјсенд открива дека „понижениот Трамп наредил да се постави голема церада преку фасадата, која сè уште стои таму“, пред конечно поразениот претседател да најави затворање на центарот под изговор за „големо реновирање“.
„Ова е мачно и болно да се гледа. Кенеди Центарот е едно од најголемите културни обележја на Америка на чија сцена настапиле најистакнатите светски уметници“, напиша Страјсенд на својата веб-страница, присетувајќи се на нејзиното признание од овој центар во 2008 година.
Таа изрази револт што оваа почитувана институција стана предмет на „огорчена битка за името на еден човек и неговото неконтролирано его“. Потсетувајќи на филозофијата на Џон Ф. Кенеди дека уметничкото достигнување е доказ за слободно општество, Страјсенд порача дека општеството ја губи својата виталност кога креативниот импулс не може слободно да процвета, повикувајќи ги Американците да излезат и да гласаат на претстојните избори.
Во меѓувреме, правната драма е далеку од завршена. Во четвртокот, федерален судија му нареди на одборот да обезбеди известување од 30 дена пред да направи какви било поголеми физички промени на историската институција – мерка која доаѓа откако Трамп се закани дека ќе го сруши центарот доколку неговото име не се појави на главната зграда.






