ВЕСТИПОЛИТИКА

Младеновска: Владата го уништува пензискиот систем, загрозен е и вториот пензиски столб

Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, на прес-конференција упати сериозни обвинувања до економските политики на Владата, тврдејќи дека власта систематски го уништува пензискиот систем во земјава. Според опозицијата, државната каса е празна, дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) е зголемена на 40 проценти, а во сериозен ризик е ставено функционирањето и на вториот пензиски столб, се наведува во соопштението од прес-конференцијата на СДСМ.

Од опозициската партија реагираат дека најавите за префрлање на парите кои работниците ги уплаќаат во приватните пензиски друштва назад во државниот фонд претставуваат опасен чекор кој ќе ги принуди идните пензионери да зависат исклучиво од државниот буџет. СДСМ алармира дека Владата планира и зголемување на стапката за придонесот за задолжително пензиско осигурување, што според нив е директна потврда дека ПИОМ нема доволно средства за тековна и соодветна исплата на пензиите.

Празен буџет, раст на јавниот долг и партиски тендери

Опозицијата посочува дека вкупниот буџетски дефицит за целата година е потрошен уште во првите шест месеци, додека јавниот долг бележи рапиден раст.

„Гувернерот Трајко Славески, од ВМРО, изјави дека до 80% од идните пензионери кои ќе се пензионираат во периодот 2030–2032 година нема да можат да обезбедат ниту минимална пензија. За само две години Владата на Мицкоски ја задолжи државата со 2,5 милијарди евра нов долг. Парите, наместо да одат во пензии, плати, здравство и образование, завршуваат во корупциски партиски тендери скроени по мерка“, изјави Младеновска.

Таа заклучи дека премиерот Христијан Мицкоски е директно одговорен за загрозувањето на економската стабилност на сегашните, но и на идните генерации, кои поради ваквите мерки ризикуваат на крајот од својот работен век да останат без достоинствени и сигурни примања.

Back to top button