ВЕСТИЕУСВЕТ

Марта Кос најави реформа на проширувањето на ЕУ: Помалку блокади, повеќе постепена интеграција

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска во Загреб ги претстави главните насоки на предлогот на Европската комисија за темелна реформа на процесот на проширување на Европската Унија, со акцент на постепена интеграција на земјите кандидати, построги демократски гаранции и нова методологија што треба да го замени сегашниот пристап „сè или ништо“, објави „Еуроњуз“. Кос оцени дека ЕУ влегува во нов „Хелсиншки момент“, споредлив со периодот што му претходеше на големото проширување по Студената војна.

„Светот се промени. И проширувањето мора да се промени со него“, порача Кос на Конференцијата на хрватските амбасадори. Таа наведе четири области околу кои Европската комисија сака да изгради политички консензус пред следните големи одлуки за проширувањето: внатрешни реформи во самата ЕУ, посилни демократски заштитни механизми, постепена интеграција на кандидатите и пошироки преодни мерки за новите членки.

Една од најзначајните промени што ги предлага Кос е намалување на можноста една земја членка самостојно да блокира одредени одлуки. Според неа, дел од институционалните промени може да се направат и без измена на основните договори на Унијата, што би избегнало долги и неизвесни процеси на ратификација. Таа го спомена и механизмот на засилена соработка, преку кој група земји може да напредува во одредена политика и без согласност на сите членки.

Посебен акцент е ставен на владеењето на правото и спречувањето на демократско назадување кај идните членки. Кос предупреди дека ЕУ мора да избегне прием на држави што подоцна би можеле да ги поткопуваат основните европски вредности и институции. Таа оцени дека се потребни посилни механизми за превенција и корекција на евентуални прекршувања и по пристапувањето.

Најдиректна промена за земјите кандидати би била воведувањето на посистематска постепена интеграција. Наместо државите со години да чекаат на целосно членство без поголеми практични придобивки, Комисијата предлага тие порано да добиваат пристап до делови од единствениот пазар, финансиски инструменти, енергетскиот систем и други европски механизми, во зависност од напредокот во реформите.

„Мораме да се оддалечиме од логиката ‘сè или ништо’“, рече Кос, предупредувајќи дека процес што трае со децении остава простор за надворешни влијанија и политички притисоци врз кандидатите. Дел од овие придобивки веќе постојат, како приклучувањето кон единствената зона за плаќања во евра, СЕПА, или интегрирањето во европската енергетска мрежа, но според Кос, тоа повеќе не е доволно.

Предлогот доаѓа во момент кога Црна Гора е најнапредниот кандидат за членство, Албанија забрзано исполнува дел од клучните критериуми, а Украина и Молдавија прават значителен технички напредок, а Македонија стои во место. Во исто време, Исланд повторно отвори дебата за обновување на својот пристапен процес.

Европската комисија сака новата рамка да биде подготвена пред критичната расправа на лидерите на ЕУ во октомври, кога се очекува да се разговара и за тоа како Унијата со повеќе од 30 членки би функционирала институционално и финансиски.

За земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, новата методологија би можела да значи порано вклучување во делови од европските политики и пазари, но истовремено и построги проверки на реформите, особено во владеењето на правото, демократските стандарди и функционирањето на институциите.

Ј. Ѓ.

Поврзани вести

Back to top button