
Откако Министерството за култура и туризам конечно го објави конкурсот за превод и објавување на дела од македонски автори на странски јазици, од Комисијата за култура на СДСМ реагираат дека за овој чекор било крајно време. „Добро е што конечно се отвора можност странските издавачи да ги избираат, преведуваат и објавуваат македонските автори, наместо државата повторно да биде главниот ‘издавач’, ‘промотор’ и ‘селектор’ на македонската книжевност во странство“, се наведува во партиското соопштение.
Од опозициската партија посочуваат дека на меѓународните саеми на книгата во прв план треба да бидат македонските писатели и нивните книги, а не државните чиновници, делегации и нивните службени фотографии. Според СДСМ, вистинската меѓународна афирмација подразбира книгата да биде главниот гостин, а чиновникот само придружба, бидејќи државата во странство најдобро ја претставуваат авторите и преведувачите.
Поздравувајќи го објавувањето на конкурсот, кое според нив следело дури по укажувањата на јавноста и на нивната комисија, од СДСМ порачуваат дека сега останува да се види дали процесот ќе биде фер. Тие изразија надеж дека зад убаво напишаните зборови за транспарентност, законитост и реална културна вредност, навистина ќе следи и транспарентен избор на делата.
