
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција ја обвини локалната власт предводена од СДСМ, заедно со ДУИ и Таравари, за децениска негрижа која резултирала со актуелниот скандал со водата во Гостивар.
Манасиевски директно го прозва поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, обвинувајќи го дека денес дели лекции за јавното здравје, додека во негово време институциите молчеле и ги криеле податоците за неисправната вода во градот.
Документи за загадена вода од 2020 до 2023 година
За да ги поткрепи тврдењата, Манасиевски презентираше документи и микробиолошки анализи кои укажуваат на загадување на водата од ЈП „Комуналец“ – Гостивар во период од неколку години. Според презентираното, извештаите од ноември 2020, како и од февруари и март 2021 година, покажувале зголемен број на колиформни бактерии. Истиот проблем, според ВМРО-ДПМНЕ, продолжил и во 2022 и 2023 година, кога било утврдено присуство на аеробни мезофилни бактерии и бактериски колонии.
„Ова се документи кои биле испраќани до Министерството за здравство, а никој не реагирал. Овие се проблеми кои требало да бидат решени, а не да се ставаат под тепих, а граѓаните да се трујат без да знаат. Ова што денес се случи во Гостивар е последица на децениска негрижа на локалната власт, а таа власт сега ја предводи СДС, ДУИ и Таравари. Затоа е потребна одговорност“, порача Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ заклучуваат дека граѓаните паметат како се водеше здравствениот систем во минатото, порачувајќи му на Филипче дека поради тоа нема право да собира политички поени на темата јавно здравје.
