
Македонија и Хрватска имаат голем потенцијал за соработка, а македонската сцена има простор за значително поголем развој на анимираниот филм преку меѓународни проекти.
Ова го истакнува Миљана Драгичевиќ, креативна продуцентка и основач на независната хрватска продукциска куќа „MINYА Film i Animacija“, која е копродуцент на македонскиот анимиран филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“.
Драгичевиќ нагласува дека досега работела на повеќе проекти со Македонија и секогаш од тие соработки произлегувале добри филмови и прекрасни пријателства.
Таа изразува задоволство што е дел од проектот „Лефти и Рајти“, посочувајќи дека иако станува збор за дебитантско остварување, веднаш ја препознале приказната која ветува.
За неа соработката со македонски автори и продуценти не претставува новост, при што додава дека Хрватска има многу добро развиена сцена за анимиран филм.
Таа појаснува дека Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ) редовно издвојува посебен буџет за овие филмови, а во Загреб се одржува и „Анимафест“, кој е еден од најзначајните и најреномираните фестивали на анимиран филм во светот со долгогодишна традиција и силна меѓународна програма.
Според нејзините согледувања, меѓународните соработки можат да бидат еден од клучните начини за унапредување на македонскиот анимиран филм. За да се развие овој жанр уште повеќе, таа смета дека категоријата анимиран филм треба да биде застапена во сите релевантни конкурси како редовна категорија, но и дека е потребна поголема разновидност во однос на возрасните групи и поджанровите.
Анимираниот филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“ моментално се наоѓа во фаза на продукција и покрај поддршката од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, доби поддршка и од ХАВЦ.
Премиерата на овој филм се очекува да се одржи во Скопје кон крајот на ноември. Во меѓувреме, Драгичевиќ деновиве е гостинка на „Флипбук филм фестивал“, каде што гостува со анимираниот филм „Во трњето нема ѕвезди“ („Sky of Thorns“) на авторките Антонија Клариќ и Луна Стрмотиќ, во продукција на „MINYA Film i Animacija“.
