ВЕСТИИМПУЛССВЕТ
Во тренд

Пентагон ќе пренесува во живо егзекуција со стрелачки вод на осудениот за масакрот во Форт Худ

Извршувањето на смртната казна со стрелачки вод прав по 65 години, е закажано за 3 декември, а најавата за пренос во живо отвори правни и етички прашања за враќањето на јавните егзекуции во САД.

Пентагон најави дека егзекуцијата на Нидал Хасан, поранешен воен психијатар осуден за смртоносниот напад во американската воена база Форт Худ во Тексас во 2009 година, ќе биде пренесувана во живо. Егзекуцијата е закажана за 3 декември 2026 година и ќе биде извршена со стрелачки вод, што би било прво вакво погубување во американската војска од 1945 година.

Според „Ројтерс“, претставник на Пентагон потврдил дека преносот ќе биде во живо, додавајќи дека дополнителни детали ќе бидат објавени подоцна. Најавата доаѓа откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет јавно порача дека егзекуцијата ќе биде достапна за гледање.

„Ќе се погрижиме луѓето да можат да ја гледаат, дека ќе биде јавна“, изјави Хегсет во разговор со десничарскиот медиумски коментатор Џек Пособиец. Тој рече дека јавноста треба да ги разбере сериозните последици од ваквите злосторства.

Нападот во Форт Худ

Хасан, поранешен мајор и психијатар во американската армија, на 5 ноември 2009 година отвори оган во воената база Форт Худ, при што загинаа 13 лица, а 32 беа ранети. Воениот суд го прогласи за виновен и во 2013 година го осуди на смрт.

Нападот се случи во воен медицински објект каде што војници чекале прегледи пред распоредување. Хасан за време на судењето се застапуваше самиот и не се обиде да ја негира одговорноста за пукањето.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја одобри егзекуцијата на 2 октомври, а потоа беше одреден датумот за нејзино спроведување. Според најавата, Хасан треба да биде погубен во истата база во која го извршил нападот. Последната егзекуција спроведена од американската војска била во 1961 година, додека последната егзекуција со стрелачки вод датира од 1945 година.

Преседан што отвора правна и етичка дебата

Најавениот пренос предизвика прашања за законитоста, транспарентноста и достоинството на осудениот, но и за тоа дали егзекуцијата ќе се претвори во јавен спектакл.

Асошиејтед прес објави дека во САД егзекуциите речиси девет децении се спроведуваат зад затворени врати. Последната широко признаена јавна егзекуција во земјата се случила во 1936 година, кога Рајни Бетеа бил обесен во Кентаки пред илјадници луѓе. Во 1937 година имало уште едно јавно погубување во Мисури.

Робин Махер, директорка на Центарот за информации за смртната казна, изјавила дека организацијата нема евиденција за претходна егзекуција што била пренесувана во живо на интернет или на друг начин широко достапна за јавноста. Таа оценила дека најавата на Хегсет засега повеќе личи на намера отколку на воспоставена процедура, бидејќи не постои јасен преседан за таков пренос.

Дополнителна неизвесност создаваат и процедурите за самото погубување. Според Асошиејтед прес, воените прописи не содржат детално разработени правила за спроведување егзекуција со стрелачки вод. Адвокатот Џон Галиген, пензиониран армиски полковник кој го застапувал Хасан во други постапки, изразил сомневање дали биле испочитувани сите процедури при известувањето за егзекуцијата.

Хасан би можел да побара судска проверка на законитоста на притворот пред цивилен федерален суд, што потенцијално би го одложило извршувањето на казната.

Овој случај отвора поширока дебата за границата меѓу јавната отчетност на државата и претворањето на смртната казна во медиумски настан. Додека администрацијата ја претставува егзекуцијата како порака за последиците од тешките злосторства, правните експерти предупредуваат дека остануваат неодговорени прашања за законската процедура и за оправданоста на преносот во живо.

Back to top button