
Откриена е точната причина за смртта на познатата холивудска актерка Хејден Панетиер, која почина на 16 август на 36-годишна возраст. Според канцеларијата на судска медицина во округот Гринвил во Јужна Каролина, ѕвездата од сериите „Херои“ и „Нешвил“ починала како резултат на токсични ефекти од мешавина на фентанил, 4-АНПП, алпразолам (Ксанакс), метокарбамол и кветијапин. Начинот на смртта е официјално заведен како несреќен случај.
Кобниот ден, итната медицинска помош добила повик во 13:51 часот за срцев застој. „Панетиер беше пронајдена без знаци на живот во резиденцијата каде што привремено престојуваше“, се наведува во официјалното соопштение на судската медицина. И покрај обидите за реанимација, таа била прогласена за мртва во 14:32 часот, а при обдукцијата не биле откриени никакви знаци на траума.
Оваа трагична вест доаѓа откако со години актерката отворено зборуваше за своите битки со постпородилната депресија и тешката зависност од алкохол и опиоиди. Во 2018 година, поради зависностите кои излегле надвор од контрола, таа се раздели со својот свршеник, поранешниот боксер Владимир Кличко, и му го препушти старателството над нивната ќерка Каја (11). Своето „брутално“ искуство како дете-ѕвезда и последиците во зрелоста ги опиша и во своите неодамнешни мемоари „This Is Me: A Reckoning“, објавени во мај оваа година.
