
Стриминг платформата Spotify најави дека од средината на септември ќе почне да ги означува профилите на музички изведувачи создадени со вештачка интелигенција и ќе ги исклучи од алгоритамските и уредничките препораки, во обид да ја зголеми транспарентноста и да ги заштити вистинските музичари од растечката конкуренција на т.н. „лажни“ изведувачи.
Новата ознака „AI Persona“ ќе се појавува на профилите за кои Spotify ќе утврди дека претставуваат целосно генерирани виртуелни личности, а не реални луѓе. Ознаката ќе биде видлива на профилите на изведувачите, во пребарувањето и во плејлистите.
Од компанијата наведуваат дека нема да се потпираат само на доброволно пријавување од страна на авторите, туку ќе користат комбинација од човечки проверки и сопствени алатки за откривање на профили кои користат фоторалистични AI-генерирани идентитети. Изведувачите ќе имаат можност да поднесат жалба доколку сметаат дека биле погрешно означени.
Покрај означувањето, музиката од ваквите профили нема да се појавува во персонализираните препораки, ниту во алгоритамските и уредничките листи на Spotify. Исклучок ќе бидат случаите кога корисникот свесно следи одреден AI-профил, што платформата ќе го смета за директен интерес за неговата содржина.
Мерката доаѓа во време кога музичката индустрија сè почесто предупредува на експлозија на AI-генерирана музика. Според Spotify, во текот на изминатата година биле отстранети околу 75 милиони спам-песни, голем дел од нив поврзани со генеративна вештачка интелигенција.
Компанијата нагласува дека ознаката не претставува проценка за тоа како е создадена музиката, туку исклучиво за идентитетот на изведувачот. Со други зборови, музичарите кои користат AI како креативна алатка нема да бидат автоматски означени, сè додека нивниот профил претставува реална личност.
Одлуката следува по бројни критики од музичари и корисници кои тврдат дека AI-генерираните изведувачи собираат милиони слушања и добиваат место во препораките на платформите, со што ја намалуваат видливоста и заработката на вистинските автори.










