
Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција обвини дека раководството на СДСМ и лидерот Венко Филипче наменски шират паника во банкарскиот сектор, обидувајќи се да уништат банка за да може истата да ја преземе бизнисмен близок до поранешниот премиер Зоран Заев.
Петрушевски ги спореди актуелните реакции на опозицијата со нивниот молк во 2019 година, кога, како што посочи, во времето на Заев и Филипче во Македонија биле слеани 110 милиони евра од Венецуела во струмички фирми блиски до семејството Заеви. Тој потсети дека во тој период Венецуела се наоѓала под строги меѓународни санкции.
„Истражувачки новинари тогаш открија дека тие 110 милиони евра биле само првата транша од планираните дури една милијарда и 600 милиони евра. Парите биле префрлувани преку нерезидентни сметки на фиктивно отворени фирми во Скопје, чии вистински сопственици биле латиноамерикански државјани, а дел од средствата оделе и преку руски банки“, изјави Петрушевски.
Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ денес е гласна исклучиво од лична корист, со цел да предизвика страв кај клиентите дека ќе им пропаднат парите.
На крајот од своето обраќање, Петрушевски порача дека додека Христијан Мицкоски е претседател на Владата, ниту една банка нема да пропадне, а граѓаните и нивните средства ќе бидат целосно заштитени.










