
Мистериозен случај со две безживотни тела во близина на запален автомобил во Богданци, тешка сообраќајна несреќа во која настрада шестгодишно дете во Скопје и насилнички дивеења во градски автобус се најсериозните инциденти забележани во најновиот полициски билтен.
Вистински хорор се одвивал синоќа во месноста „Ичева чешма“ во Горно село кај Богданци. Локален жител забележал запален автомобил и веднаш повикал полиција. Екипите на терен затекнале морничава глетка – покрај опожареното возило лежело безживотно тело за кое е констатирано дека му припаѓа на 21-годишниот В.Г. од Богданци. Но, трагедијата тука не завршила. По гаснењето на пожарот, во самото возило било откриено уште едно јагленисано тело. Истражните органи и јавен обвинител извршија увид, а телата се предадени на обдукција за да се расветлат точните околности на оваа двојна смрт.
Состојбата на улиците во Скопје продолжува да биде критична. Шестгодишно дете се здобило со тешки телесни повреди откако во него удрило товарно возило „мерцедес“ управувано од 48-годишник. Црната сообраќајна серија продолжила и на крстосницата на „Борис Трајковски“, каде малолетник со „мерцедес“ предизвикал тешка несреќа удирајќи во „цитроен“. Во сударот тешко се повредени двајцата возачи, како и 18-годишна сопатничка.
Во делот на насилството, скопската полиција го лиши од слобода 27-годишниот А.М. кој приредил вистински хаос во автобус во Драчево. Тој физички нападнал повеќе патници и возачот од кого се обидел да украде мобилен телефон, а откако излегол од автобусот оштетил автомобил и на крајот ги нападнал полицајците кои дошле да интервенираат.
Истражните органи расчистуваат и малверзации со јавни набавки. СВР Струмица поднесе кривична пријава против компанија од Ново Село и вработен во Агенцијата за управување со одземен имот, поради злоупотреби при доделување договор. Според пријавата, тие не извршиле прием на одземена жива стока и не изготвиле задолжителни записници, прекршувајќи ги процедурите за јавно-приватно партнерство.






