ВЕСТИМАКЕДОНИЈАХРОНИКА

Почина д-р Никола Стојановски, првиот претседавач на повеќепартиското Собрание

На 103-годишна возраст почина д-р Никола Стојановски, долгогодишен претседател и почесен претседател на Сојузот на борците на Македонија, учесник во Народноослободителната борба, лекар и поранешен пратеник во првиот повеќепартиски состав на Собранието на Република Македонија.

Стојановски останува запаметен како првиот претседавач на конститутивната седница на повеќепартиското Собрание, одржана на 8 јануари 1991 година, кога како највозрасен пратеник ја водеше седницата до изборот на претседател на парламентот.

Роден во 1923 година во велешкото село Скачинци, дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград, а подоцна специјализирал педијатрија. Поголемиот дел од својот работен век го поминал во здравството како лекар и педијатар, а извесен период бил и директор на болницата во Велес.

Покрај професионалната кариера, д-р Стојановски беше активен и во јавниот живот, посветувајќи се на негувањето на антифашистичките традиции и вредности. Како еден од последните живи учесници во Народноослободителната борба, со години беше меѓу најпрепознатливите личности во Сојузот на борците на Македонија.

Back to top button