ВЕСТИЕДНАКВИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКА

Со пари од ЕУ реконструкција на студентски и ученички домови и ресурсни центри за ученици со попреченост

Девет државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со попреченост и еден ученички дом во седум градови низ Северна Македонија ќе бидат темелно реконструирани преку проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација“. Со проектот, кој се реализира со финансиска поддршка од германската развојна банка KfW и Европската Унија, над 5.000 студенти и ученици ќе добијат современа средина за живот и учење.

На дводневната медиумска работилница одржана во Охрид беа претставени резултатите и плановите од овој капитален проект, кој опфаќа објекти во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес. Повеќето од овие згради се изградени во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, а домот во Битола потекнува дури од 18 век, поради што со децении чекаа на сериозна обнова. Пристапот не се сведува само на фасадно разубавување, туку опфаќа холистичка реконструкција: од структурна стабилност и санитарни инсталации, до подобрување на безбедноста и заедничките простории. По обновата, вкупната потреба за енергија по дом се очекува да се намали за просечно 56 проценти, а емисиите на CO₂ за речиси половина, со воведување и на обновливи извори на енергија.

Стефано Елеро, шеф на Секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ, истакна дека оваа инвестиција, поддржана со над 21 милион евра неповратни средства од Унијата, ја претставува Зелената агенда во нејзината најопиплива форма. Проектот се спроведува во три фази и треба да биде целосно завршен до крајот на 2031 година. Првата фаза е при крај, со наскоро очекувано пуштање во употреба на скопскиот студентски дом „Стив Наумов“, додека „Кузман Јосифовски Питу“ треба да биде готов до крајот на годината. Во втората фаза ќе бидат опфатени преостанатите седум домови, меѓу кои и „Никола Карев“ во Охрид.

Интересно е што четири домови (во Охрид, Прилеп, Штип и „Томе Стефановски Сениќ“ во Скопје) ќе бидат реконструирани според највисоките стандарди, блиску до нивото на згради со речиси нулта потрошувачка на енергија (NZEB), со стручна поддршка од германскиот институт Фраунхофер. Вкупниот расположлив буџет за овој амбициозен проект изнесува 85,56 милиони евра, обезбедени преку заеми од KfW (60 милиони евра), ЕУ грантови (21 милион евра) и национално кофинансирање од Министерството за образование и наука (3,85 милиони евра).

Back to top button