ВЕСТИПОЛИТИКА

Политички препукувања за водата во Гостивар: СДСМ го критикува ангажманот на Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за локална неспособност

Состојбата со водоснабдувањето во Гостивар предизвика нови остри партиски реакции меѓу опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои преку соопштенија за јавноста разменија обвинувања за управувањето со кризата и ширењето дезинформации.

Од СДСМ реагираа зошто информациите за состојбата со водата ги презентира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а не надлежните министри за здравство, животна средина или претставниците од водоснабдителните претпријатија.

„Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ќе ги презентира најновите информации за состојбата на водата во Гостивар. Не министерот за здравство. Не министерот за животна средина. Туку министерот за полиција. Мицкоски вчера најави дека техничката вода во Гостивар од денеска е чиста, а Тошковски најави хиперхлорирање, како тоа да е работа на полицијата. Граѓаните се прашуваат дали можат да им веруваат на ветувањата на власта дека ситуацијата е целосно нормализирана“, соопштуваат од СДСМ.

На овие обвинувања веднаш со соопштение одговорија од ВМРО-ДПМНЕ, отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата и нагласувајќи дека институциите интензивно работат на стабилизација на состојбата.

„Додека владините институции ја стабилизираат состојбата во Гостивар поради локалната неспособност, СДС повторно шири дезинформации и се обидува политички да профитира. Наместо да побараат одговорност од кадрите во коалиција со ДУИ и Таравари кои ја создадоа кризата, тие шират паника. Бројот на граѓани кои бараат медицинска помош се намалува, вонредните анализи во Валандово ги демантираа нивните наводи, а во рекорден рок се очекува воспоставување на редовно водоснабдување. Граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи владините институции преземаат конкретни мерки“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани вести

Back to top button