
ПРИЛЕП – Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ја најави својата најнова театарска премиера – претставата „Ловецот во ‘ржта“ во режија на реномираниот Мартин Кочовски. По тој повод, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ денеска се одржа прес-конференција на која детално беа презентирани креативниот тим, актерската екипа и суштината на овој голем сценски проект.
Ова е вкупно трета премиера за прилепскиот театар оваа година, реализирана со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
„Со ова го потврдуваме нашиот континуитет за создавање квалитетни продукции. Создаваме квалитетен театар и на нашата публика ѝ нудиме репертоар кој инспирира, поттикнува размислување и кој отвора важни општествени прашања“, истакна Марија Попова Јованоска, директорка на Центарот за култура.
Судир на индивидуата со општеството и бунт против средината
Раководителот на театарот, Михајло Миленкоски, претставувајќи ги актерите и соработниците, потсети дека режисерот Мартин Кочовски е уметник со кого прилепскиот театар низ годините ги „жнееше“ своите најголеми и најзначајни успеси.
Кочовски, пак, од своја страна изрази огромно задоволство од повторната соработка, нагласувајќи дека има чест да работи со, според него, најдобрата и најуникатна актерска екипа во Македонија која е способна да изнесе вака комплексен материјал.
„Проектот е навистина грандиозен, а основната тема се фокусира на вечниот конфликт на индивидуата во општеството“, изјави режисерот Кочовски.
Дека претставата носи силен социјален и психолошки набој потврди и драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска, која посочи дека во сржта на ова сценско читање на класикот е токму побуната на поединецот против средината во која живее.
Предизвик за искусните актери, но и за младите студенти
За младиот актерски кадар, оваа претстава претставува извонредна отскочна штица. Студентката на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), Теона Крстеска, не го криеше своето возбудување што добила шанса да застане рамо до рамо со докажаните прилепски актери.
„Ова беше огромен ‘залак’ за мене како студент, но беше и фантастичен предизвик. Мислам дека успешно ја совладав доверената задача“, изјави Крстеска.
Искусниот актер Димитар Ѓорѓиевски додаде дека секоја нова улога кај нив буди нов творечки немир, но и дека секогаш е посебно задоволство да се работи со режисер како Кочовски, кој не се плаши да експериментира и да ги поместува границите во театарскиот израз.
