ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИНТРЕНД

Кралот Чарлс: Хари и Меган остануваат приватни граѓани без кралски обврски

Враќањето на војводата и војвотката од Сасекс во Велика Британија нема да го промени нивниот статус, па така тие нема да бидат работни членови на кралското семејство на кои им е дозволено да извршуваат официјални обврски, објави Би-Би-Си, повикувајќи се на писмо испратено во име на кралот Чарлс.

Според британскиот јавен сервис, писмото има за цел да го разјасни статусот на принцот Хари и Меган, кои минатиот месец се вратија од Калифорнија со децата Арчи и Лилибет. Во дописот, испратен од највисокиот функционер на Палатата, Лордот Коморник (Lord Chamberlain), до тимот на Хари, владините оддели и воените претставници, се појаснува дека тие нема да можат да ги користат титулите „Нивното кралско височество“ (HRH) и остануваат „приватни граѓани“. Како што се наведува во текстот, ова значи дека секој нивен ангажман ќе биде во приватен капацитет и тие нема да го претставуваат кралското семејство за време на нивните претстојни јавни настапи најавени за оваа есен.

Пораката од кралот, како што пренесува Би-Би-Си, нагласува дека договорот од Сандригам од 2020 година сè уште е во сила, со што се исклучува можноста за „полу-внатре, полу-надвор“ статус. Во однос на нивната хуманитарна работа, во писмото се потенцира дека тоа е нивна лична работа, а сите прашања до институциите околу евентуално користење на јавни средства при нивните посети треба да се упатат директно до Бакингемската палата.

Во текстот се додава и дека сите оперативни безбедносни прашања треба и понатаму да бидат насочени кон релевантните полициски власти, односно до извршниот комитет (Ravec), кој одлучува за безбедноста на кралското семејство и јавните личности. Ова појаснување доаѓа по претходните поплаки на принцот Хари за недостаток на соодветна полициска заштита во Велика Британија. Според извори од Палатата на кои се повикува Би-Би-Си, одлучено е писмото да се направи јавно во дух на транспарентност, наместо да се ризикува истото да протече во јавноста.

Back to top button