
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше на прес-конференцијата на Богданка Кузеска, обвинувајќи ја опозициската партија дека срамно се приклучила во адвокатскиот тим на бегалката Ива Михаилова. Според владејачката партија, Михаилова побегнала во Бугарија за да го избегне судскиот процес, користејќи лажни тврдења дека е во животозагрозувачка состојба и пред опасност од инвалидитет.
Од партијата посочуваат дека медицинското алиби на кое се повикува бугарската страна е неосновано. „Дури и д-р Барбов, чие мислење се користи како алиби на Михаилова за бегство од правдата, призна дека нејзината состојба воопшто не е ризична и дека таа лажирала симптоми и преувеличувала пред јавноста“, се наведува во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ ги оценува овие случувања како „специјални операции за нарушување на кредибилитетот на државата“ со цел туркање на уставните измени по бугарски диктат. Според нив, улогата на СДСМ во оваа ситуација е само да ја дефокусира јавноста од сообраќајната несреќа со смртен епилог и од бегството на Михаилова, притоа порачувајќи дека сторителите за овој случај ќе одговараат.










