ВЕСТИПОЛИТИКА
Во тренд

Филипче и Мицкоски се согласија во едно: „Не сме исти“

„Не сме исти“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче во интервју за „Тема на денот“ на Сител, обвинувајќи ја власта дека ја гледа државата „како плен“. Премиерот Христијан Мицкоски возврати дека за првпат се согласува со лидерот на СДСМ и рече дека „никогаш не би сакал да биде ист со куклата на луѓето кои ја уништија и ограбија Македонија“.

Филипче во интервјуто рече дека разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е во односот кон државата и во политичките приоритети.

„Не сме исти со организираната криминална група на Христијан Мицкоски. Напротив, дијаметрално сме спротивни. Ние сакаме напредна држава во којашто секој ја гледа иднината, а не ја гледаме државата како што тие ја гледаат – како плен“, рече Филипче.

Тој најави дека СДСМ во септември ќе го претстави „Мастер планот за Македонија“, кој, според него, ќе содржи пет до шест клучни точки и конкретни политики за следните две години.

„Имаме спремен тим, имаме спремна програма, имаме спремна програмска платформа. Сакаме да имплементираме политики за доброто на граѓаните, со стандард, плати, пензии, училишни и студентски додатоци, а не да купуваме нов авион како што сака Христијан Мицкоски“, изјави лидерот на СДСМ.

Филипче направи споредба и со периодот на ковид и енергетската криза, тврдејќи дека тогашната влада обезбедила околу две милијарди евра помош за граѓаните и компаниите, зачувала работни места и ја субвенционирала електричната енергија за повеќе од 600.000 семејства.

Тој го критикуваше и одбивањето на премиерот да прифати минимална плата од 600 евра, оценувајќи дека тоа не е во согласност со изјавите на власта за економските резултати.

Во интервјуто Филипче зборуваше и за затворањето на предметот поврзан со модуларните болници без обвиненија против него, при што ги отфрли шпекулациите за политички договор.

„Јас знаев како сум работел. Знам како сум работел без коруптивни практики. Обвинителството вчера кажа дека немало прекршување на службената должност, дека немало штета на Буџетот“, рече Филипче.

Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека трагедијата со модуларната болница ја користела за политички напади врз него и побара премиерот и партијата да им се извинат на семејствата на загинатите.

Филипче се осврна и на, како што ги нарече, „заканите“ на Мицкоски кон опозицијата, оценувајќи дека тие се знак на слабост.

„На човек којшто нема резултати, којшто ништо не изменаџирал како што треба и нема резултат ниту во економијата, ниту во земјоделието, ниту во образованието и здравството, ниту во реформите, ниту во надворешната политика, што му останува освен да се заканува“, рече тој.

На изјавата на Филипче дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ „не се исти“, денеска одговори премиерот Христијан Мицкоски.

„Јас можам за првпат да се сложам со претседателот на СДСМ дека не сме исти. Јас никогаш не би сакал да бидам ист со куклата на луѓето кои ја уништија и ограбија Македонија. Ниту во најлошиот сон не би сакал тоа да бидам“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека, според него, граѓаните можат да направат разлика меѓу актуелното раководство на СДСМ и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Со меѓусебните обвинувања, Филипче и Мицкоски повторно ја заострија политичката реторика, овојпат околу прашањето за одговорноста, економските политики и начинот на кој двете партии ја воделе, односно ја водат државата.

Поврзани вести

Back to top button