
ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство итно да реагира и да отвори случај по допрен глас против опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче, обвинувајќи ги за свесно ширење паника и рушење на довербата во банкарскиот систем во врска со случајот „Алта банка“.
Според партиското соопштение, опозицијата намерно создава хаос и вознемиреност кај граѓаните за да оствари ситни политички поени. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека непроврените тврдења и секојдневните прес-конференции на СДСМ пред витални државни институции, како што е Народната банка, претставуваат свесен обид за предизвикување штета на државните органи и на македонските штедачи.
Поради ова, владејачката партија бара Обвинителството да постапи по член 315 од Кривичниот законик, кој се однесува на кривичното дело „саботажа“. Од партијата посочуваат дека овој член предвидува казна затвор од најмалку три години за тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста, прикриено, подмолно или на друг начин ќе предизвика значителна штета за државен орган, установа или правно лице.
ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата потсетува дека ова не е првпат СДСМ да отвора теми со драматични најави, посочувајќи ги како примери претходните политички дебати за мигрантите, исплатата на пензиите, унгарскиот кредит, ИПАРД-програмата и водата во Гостивар.
„Јавното обвинителство мора да одговори на едноставно прашање: дали во оваа држава секој може без одговорност да пласира тврдења што ја нарушуваат довербата во финансиските институции? ЈО мора да постапува по закон, молкот не смее да биде одговор“, се заклучува во соопштението на партијата.










