ВЕСТИИМПУЛСХРОНИКА

ПАТРОЛА: Полјаци со четирицикли пробија порта на воен магацин во Тетово, филмска брканица во Липково, црн сообраќаен биланс

Невообичаен упад на странски државјани во воен објект, филмски напад врз полицајци од страна на дрвокрадци и трагична сообраќајна несреќа со загинато лице, се издвојуваат како најсериозни настани во последниот пресек на полицискиот билтен.

Според МВР, вистинска драма се одвивала пред воените магацини во месноста „Еребино“ во Тетово. Група странски државјани со четирицикли ја оштетиле и пробиле влезната врата на воениот објект. Војниците кои биле на стража веднаш интервенирале и успеале да задржат четири лица, за кои е утврдено дека се државјани на Полска на возраст од 36 до 55 години. Останатите тројца учесници во инцидентот успеале да побегнат со своите возила, а полицијата трага по нив поради неовластено влегување во воен објект.

Сериозен инцидент е регистриран и во кумановско Липково каде полициска патрола била цел на напад. Возач на товарно возило кое превезувало дрва одбил да запре на полициски знак, по што директно удрил во службениот автомобил на МВР. Веднаш потоа, возачот заедно со уште две лица кои пристигнале како засилување, физички ги нападнале полицајците кои биле на должност.

Истата вечер, во соседното село Матејче, малолетничкото насилство кулминирало откако двајца малолетници со остар предмет тешко повредиле 16-годишно момче, кое поради сериозноста на раните е префрлено на скопските клиники.

Во делот на сообраќајот, полицијата бележи трагичен биланс кај Струмица. На потегот меѓу селата Василево и Владевци, 48-годишен возач на камион излетал од патот и починал на самото место.

Истовремено, загрижува трендот на тешко повредени деца низ улиците. Во Скопје, 70-годишна жена со автомобил удрила во 10-годишно дете, додека во Арачиново 17-годишен мотоциклист настрадал во судир со автомобил управуван од 16-годишник. Црната серија ја надополнува и 14-годишник од тетовско Камењане кој завршил во болница откако изгубил контрола над електричен тротинет.

Од останатите случаи, внимание привлекува дрска кражба во Кочани каде 60-годишен маж насилно му ги одзел парите на сограѓанин веднаш откако овој ги подигнал од банкомат, како и необичен вандализам во Струга, каде српски државјанин отворил резервоар на „порше“ и внатре истурил непозната течност.

Back to top button