Остварен сонот на младите музичари од „Орце Николов“: Обезбедени средствата за концерт во Њујорк
По меѓународниот успех и освоената награда во Њујорк, младите музичари од скопската гимназија ги обезбедија средствата за патувањето и за неколку дена ќе настапат во Менхетен.

Младинскиот оркестар при СУГС Гимназија „Орце Николов“ од Скопје за помалку од три дена ќе отпатува во Њујорк, каде што ќе одржи самостоен концерт со кој ја претставува македонската музичка традиција пред американската публика.
Веста ја објавија членовитe на оркестарот преку нивниот официјален профил на социјалните мрежи, каде соопштија дека конечно се обезбедени потребните средства за патувањето.
„Со неизмерна гордост ве известуваме дека средствата за нашето патување во Њујорк се конечно собрани и за помалку од три дена нашите оркестранти ќе отпатуваат во фасцинантниот Менхетен“, наведуваат од оркестарот.
Младите музичари истакнуваат дека зад овој успех стојат месеци посветена работа, но и поддршката од бројни поединци и институции кои помогнале нивниот сон да стане реалност.
„Трудот кој беше вложен за успешната реализација на овој проект е неверојатен, исто како и успехот кој произлезе од него – од самото наше добивање на меѓународната награда, до оваа вест која ја споделуваме со вас – остварената можност нашата народна музика да заѕвечи во една од најпрестижните концертни сали“, соопштија од оркестарот.
Посебна благодарност упатуваат до шеф-диригентот Марко Балоски, професорите по музичка уметност и ментори Сузана Тпокова-Кузмановска и Миле Наумовски, како и до сите донатори кои придонеле за реализација на проектот.
Оркестарот на „Орце Николов“ претходно го освои првото место со почесни заслуги на меѓународен натпревар за млади оркестри во Њујорк, со што доби можност да настапи во САД. Нивното патување се смета за значаен успех не само за училиштето, туку и за македонската музичка култура, која преку младите таленти ќе биде претставена на една од најзначајните светски културни сцени.
Младите оркестранти порачуваат дека најголемата благодарност ја должат на публиката, која, како што велат, од ден на ден ја шири љубовта кон македонската народна музика и придонесува за зачувување на културните корени.
А. Ѓ.
