
Околу 30 роботи излегоа пред Министерството за дигитализација на Полска во Варшава во необичен протест со кој организаторите побараа посилни правила за развојот и примената на вештачката интелигенција. Снимка од демонстрацијата објави Ројтерс, прикажувајќи роботи кои се движат пред зградата на министерството додека од разглас се слуша пораката: „Сакаме закон, сакаме правила“.
Around 30 robots demonstrated outside Poland’s Digital Affairs Ministry in Warsaw, chanting ‘we want law, we want rules’ to demand stronger AI oversight pic.twitter.com/GGUoOCS7JO
— Reuters (@Reuters) September 10, 2026
Демонстрацијата се одржа на 7 септември и беше организирана од иницијативата Democratism, која сака да отвори поширока јавна дебата за влијанието на вештачката интелигенција и роботизацијата врз пазарот на трудот. Меѓу учесниците имаше хуманоидни роботи, но и четириножни роботски платформи, кои маршираа, носеа знамиња и симболично „скандираа“.
Од звучниците се емитуваа пораки како „Заштитете ги работните места“, „Време е за правила“ и „Не чекајте, регулирајте“. Организаторите велат дека целта не е да се запре технолошкиот развој, туку да се покаже дека роботите и напредните системи со вештачка интелигенција веќе можат да извршуваат задачи кои досега биле резервирани за луѓето.
Гжегож Кулиш, еден од организаторите, предупреди дека прашањето повеќе не се однесува само на автоматизацијата на физичката работа, туку и на можноста вештачката интелигенција да презема задачи од областа на таканаречената когнитивна работа. Според него, потребни се правила кои ќе обезбедат заштита на работниците во периодот на брзата технолошка трансформација.
На протестот се појави и полскиот министер за дигитализација и вицепремиер Кшиштоф Гавковски, кој разговараше со организаторите. Полска веќе годинава усвои закон за системите со вештачка интелигенција, чија цел е воспоставување национален систем за надзор и примена на европскиот AI Act. Законот стапи во сила во август, додека дел од неговите одредби треба да почнат да се применуваат подоцна во октомври.
Необичната демонстрација беше замислена токму како визуелно предупредување за брзината со која се развива технологијата: роботите симболично бараа од луѓето да донесат правила за машините пред нивното масовно воведување дополнително да го промени пазарот на трудот.









