ВЕСТИПОЛИТИКА

Николоски: Пред 25 години избравме мир, денес градиме просперитетна иднина со силни инвестиции

На свечената седница по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, истакна дека државата пред четврт век го избрала патот на компромисот и политичката зрелост, а денес нејзиниот фокус е насочен кон силен развој преку инвестиции во инфраструктурата, образованието и здравството, информираат од Министерството за транспорт.

Николоски се осврна на историското значење на договорот, нагласувајќи дека во период кога конфликтот чукал на врата, државата избрала соработка и дијалог, во што несомнена била улогата на меѓународната заедница, ЕУ и НАТО. Сепак, тој упати и остри критики кон одредени политички структури од минатото.

„Мораме да бидеме отворени и да кажеме дека, ако гледаме наназад, имаше поединци и цели политички партии, кои за среќа не се дел од оваа Влада, коишто договорот го злоупотребуваа за свои лични интереси. Се обидуваа да прават раздор, да поттикнуваат лажен национализам и етнички тензии за на тој начин да владеат со државата. Најголемиот дел од нивните работи беа поврзани со личниот и семејниот интерес“, посочи Николоски во своето обраќање.

Силна градежна офанзива и развој на инфраструктурата

Вицепремиерот најави дека денес државата се гради за да биде просперитетна, презентирајќи детален план за модерна патна и железничка мрежа. Според неговите најави, инфраструктурниот циклус ги опфаќа следните проекти:

Скопје – Блаце и Букојчани – Кичево: Изградбата започнува во текот на септември.

Кичево – Охрид – Струга: Во октомври се очекува пуштање на уште една делница, а целосно завршување на автопатот во првиот квартал од следната година.

Во интензивна градба: Делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Битола – Прилеп.

Завршени проекти: Пуштени се во употреба Градско – Дреново – Фариш и Куманово – Крива Паланка.

Нови патни правци: Започнува изградба на Кочани – Виница – Делчево, како и Радовиш – Струмица до границата со Бугарија.

Железница: Интензивна работа на Коридорот 8 кон Бугарија и план за старт на железничкото поврзување кон запад во три фази (Скопје – Тетово – Гостивар; Гостивар – Кичево; Кичево – Охрид – Струга).

Инвестиции во образованието и здравството за идните генерации

Покрај инфраструктурата, Николоски потенцираше дека се спроведуваат темелни реформи во образованието, проследени со силен инвестициски циклус за изградба на нови основни и средни училишта и универзитети, како и вложувања во здравството и социјалната заштита.

Тој заклучи дека Охридскиот договор е историско сведоштво за соживотот, но и обврска да се остави поправедна и обединета држава за идните генерации, за младите да можат да размислуваат за своето образование и иднина, а не за конфликти како во минатото.

Back to top button