ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: Клековски објави само четвртина од извештајот за водата во Гостивар, граѓаните ги праќа по шалтери

Министерот за здравство Сашо Клековски објави само четвртина од најавениот целосен извештај за квалитетот на водата во Гостивар, додека за остатокот ги упати граѓаните сами да бараат информации од другите надлежни институции, обвинуваат од опозициската СДСМ преку најновото писмено соопштение.

Од партијата реагираат дека наместо транспарентност, министерот ги праќа граѓаните на екскурзија по институциите, сугерирајќи им да го собираат досието преку Центарот за управување со кризи, Агенцијата за храна и ветеринарство и локалното комунално претпријатие. Според СДСМ, министерот кој треба да го обедини системот, го растура одговорот на четири шалтери, однесувајќи се како туристички водич. Опозицијата воедно потсетува дека додека Гостивар се соочувал со труење, жолтица и западнонилска треска, тој бил на одмор.

По 22 дена проблеми со загадената вода и околу пет илјади заболени, од СДСМ нагласуваат дека јавноста не бара брошури, туку еден единствен, обединет документ. Тие инсистираат власта да презентира извештај кој ќе ги содржи сите земени мостри, лабораториски анализи, датуми, регистрирани бактерии, вредности и името на лицето кое со свој потпис гарантира дека водата е безбедна за пиење.

„Јавното здравје не е сопственост на претпријатие. Не е архива што се издава на барање, туку се објавува на едно место пред народот што пиеше фекалии“, се наведува во партиското соопштение на СДСМ. Од таму бараат итно објавување на целосниот извештај без дополнителни упатства за граѓаните, оценувајќи го досегашниот однос како признание за бегање од одговорност.

Поврзани вести

Back to top button