ВЕСТИПОЛИТИКА

СДСМ: Бинго од 5,5 милиони евра за прославата, власта да одговори каде завршија народните пари

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја обвини власта предводена од Христијан Мицкоски за проневера на 5,5 милиони евра народни пари наменети за прослава, кои според партијата се скриени зад криминални договори. Ова го истакна на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Според партијата, овие средства се огромни за македонските семејства, за земјоделците на кои им пропаѓа родот без откуп и за работниците кои чекаат повисока минимална плата. Цветаноска посочува дека власта сака овие милионски суми да ги сокрие и да ги прикаже како трошок од „нула денари“, додека парите се на граѓаните кои имаат право да ја знаат вистината и да ги видат документите.

Цветаноски упати низа прашања до премиерот, барајќи одговори за тоа кои компании ги добиле милионите евра и врз основа на кои критериуми. Таа го отвори прашањето и за изборот на тричлената комисија во Државната лотарија, посочувајќи дека претседателот на таа комисија истовремено бил и автор на оркестрациите и аранжманите за концертот.

Од СДСМ изразуваат сомнеж и за ангажирање на фирми-ќерки преку кои се делеле провизии и проценти, како и за брзината на договарањето на настапот на музичарот Дејвид Гета. Од партијата прашуваат како е можно јавниот повик да заврши на 8 мај, а настапот на Гета да биде најавен на 12 мај, прашувајќи дали договорот бил склучен уште пред завршувањето на повикот.

Дополнително, се бараат одговори за тоа каде завршиле парите од продадените билети и зошто не се објавуваат сите документи за одлуките.

На крајот, од СДСМ ги отфрлаат оправдувањата дека овие средства не се од буџетот туку од државни фирми, нагласувајќи дека тоа се повторно пари на граѓаните и најавуваат одговорност за овој концепт на владеење.

Back to top button