ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИНСПОРТТРЕНД
Во тренд

„Ниту една не ја остава следната сама“: Гестот на турските одбојкарки што го освои интернетот [ВИДЕО]

Виралното видео на кое одбојкарките на Турција една по една си подаваат рака при слегување од тимскиот автобус e воспоставена тимска навика што се повторува со години.

На снимката, секоја одбојкарка што веќе слегла од автобусот се врти кон следната соиграчка и ѝ подава рака. Кога и таа ќе се симне, го повторува истиот гест кон следната. Така се создава непрекинат синџир во кој секоја се грижи за онаа што доаѓа по неа.

Токму повторувањето на гестот од сите членки на тимот го привлече вниманието на социјалните мрежи. Видеото се споделува со пораката дека „најмалите гестови носат најголема топлина“, а многумина во него препознаа едноставна, но силна слика за доверба, почит и тимска солидарност.

Други снимки покажуваат дека ова не е првпат „Султанките на мрежата“ да ја практикуваат истата навика.

Видео објавено уште пред околу една година повторно прикажува членки на турската женска одбојкарска репрезентација при слегување од автобус, со истиот модел на однесување – секоја од нив ѝ помага на следната.

Тоа укажува дека подавањето рака не е гест направен специјално за камерата, туку дел од секојдневната култура на тимот.

Турската женска одбојкарска репрезентација, позната како „Filenin Sultanları“, во последните години е меѓу најуспешните национални тимови во светската одбојка. Освен спортските резултати, тимот има и огромна публика на социјалните мрежи, каде често се споделуваат моменти од тренинзите, патувањата и животот надвор од теренот.

Ј. Ѓ.

Back to top button