АРТВЕСТИИМПУЛС
Во тренд

Уметничка акција „Општествени контрасти“: Студентите со 140 денари јадат конзерва и кромид, пратениците уживаат во евтино бифе

Центарот за современи уметности преку визуелна инсталација со две поставени маси го критикува нискиот студентски стандард. Тие прашуваат зошто оние со највисоки примања плаќаат најмалку за храна, додека младите се принудени да ја напуштат државата поради растечките трошоци за живот.

Новата уметничка акција насловена „Општествени контрасти“ ја разбранува јавноста преку моќна визуелна комуникација која директно ги соочува двете крајности во државата – студентската сиромаштија и пратеничките привилегии. Центарот за современи уметности преку поставување на две маси за ручање има за цел гласно да проговори за континуираниот пад на студентскиот стандард.

На едната страна е студентската трпеза, скромно поставена со леб, конзерва туна и кромид, која визуелно ја илустрира ограниченоста на сумата од 140 денари што студентите ја добиваат како субвенциониран дневен оброк од државата. Веднаш до неа е поставена пратеничката маса со послужено јадење и мени од собраниското бифе, со што авторите отвораат клучно прашање: „Зошто токму оние кои имаат најмногу секогаш плаќаат најмалку во оваа држава?“.

Организаторите на акцијата посочуваат дека контрастот е едноставен и брутален, бидејќи со 140 денари е невозможно да се обезбеди пристоен и хранливо балансиран оброк. Тие предупредуваат на пошироката слика во која младите се соочуваат со секојдневен раст на цените на храната, сместувањето и превозот, особено оние кои доаѓаат од другите градови.

„Студентскиот стандард опаѓа, а поддршката не ги следи реалните потреби. Во ситуација кога младите секојдневно се соочуваат со сè поголеми трошоци и сè помалку можности да живеат достоинствено, не треба да се чудиме што многумина својата иднина ја бараат надвор од земјата“, се вели во соопштението на Центарот. Нивната цел е да ги направат повидливи барањата за поквалитетни услови за образование, испраќајќи јасна порака: „Достоинствен оброк не е луксуз, туку основна потреба“.

Back to top button