Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ со богата програма: Претстави, филмски проекции и едукативни работилници

Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ подготви богата програма која ќе се одржува во Прилеп, нудејќи низа претстави, филмски проекции и едукативни настани за најмладите. Според официјалната програма, фестивалот започнува на 18 септември со изведбата на претставата „Пинокио“ од Народниот театар Битола, која ќе се одигра во 12 часот во НУЦК „Марко Цепенков“.
Вториот фестивалски ден, 19 септември, е резервиран за креативна работилница за деца на писателката и новинарка Ана Јовковска, која ќе се одржи на истата локација со почеток во 12 часот. Инспирирана од нејзините сликовници „До небото и назад“ и „Љубов во топка“, работилницата ќе ги воведе децата од претшколска и раноучилишна возраст во светот на фантазијата низ читачки и дијалошки процес. Авторката ќе обработува важни теми како емоциите, пријателството, врсничкото насилство (булинг), емпатијата, тагата и грижата за природата. Едукативниот дел ќе се одвива низ игра, а интерактивниот пристап ќе ги поттикне малите читатели од 5 до 10 години, како и нивните родители, критички да размислуваат и да учествуваат во креирањето на приказната. Поради ограничениот број на посетители, задолжителна е резервација на телефонскиот број 075257457.
Фестивалската агенда продолжува на 20 септември со посета на родното село на Силјан, Мало Коњари, во 12 часот, додека вечерта од 19 часот кај Саат Кулата ќе се одржи работилница по мотивите од книгата „Тамара и Марко – коњ, штрк и една жица од гитара“. На 21 септември во Кино Мис Стон напладне е закажана работилница за театар, а во 19 часот Театарот Арториум ќе ја изведе претставата „Мачорот во чизми“.
Следниот ден, на 22 септември, програмата нуди работилница за костими кај Саат Кулата во 12 часот, проследена со филмска проекција на класиката „Снежана и седумте џуџиња“ во 19 часот. На 23 септември во Кино Мис Стон ќе се одржи едукативниот настан „Силјан на час по македонски јазик“ со почеток во 10:30 часот. Фестивалот ќе биде свечено затворен на 24 септември во Кино Мис Стон, каде напладне ќе има работилница за ликовна уметност, а во 18 часот Театар Колозов ќе ја одигра претставата „Љубопитната принцеза“.
Д. Д.
