
Србија влегува во клучен политички викенд откако претседателот Александар Вучиќ најави дека на 27 септември ќе поднесе оставка од функцијата шеф на државата, но засега тој чекор сè уште не е формално направен.
Вучиќ на 14 септември изјави дека на 27 септември ќе поднесе оставка и истата вечер ќе им се обрати на граѓаните на Србија. Според неговите најави, по повлекувањето од претседателската функција ќе се вклучи во парламентарната изборна трка како кандидат за премиер.
Најавата доаѓа по неколкумесечни политички тензии и студентски протести во Србија, како и по одлуката за распишување предвремени парламентарни избори за 25 октомври. Вучиќ претходно уште во јуни соопшти дека планира да се повлече од претседателската функција пред истекот на мандатот, но тогаш не прецизираше конкретен датум.
Во меѓувреме, српскиот парламент е распуштен и земјата веќе се подготвува за предвремените избори, додека владејачката Српска напредна партија го кандидираше Вучиќ за иден премиер.
Вучиќ вчера од Њујорк, каде што учествува на Генералното собрание на Обединетите нации, повторно потврди дека во недела навечер, на 27 септември, ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Србија. Тој најави дека околу 20 часот ќе им се обрати на граѓаните и ќе го образложи својот потег.
„Во недела навечер поднесувам оставка, така што ќе ви јавам, мислам дека ќе биде околу осум часот навечер. Ќе ве известам, ќе ве повикам сите, ќе го слушнете и моето образложение и сè друго“, рече Вучиќ, пренесе РТС.
Вучиќ рече дека во наредните денови ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
„Ќе имам во наредните денови, пред да го завршам мандатот, разговор и со претседателот Путин, така што, ете, тоа ви се вестите. Разговаравме овде, секако, и околу енергетските договори и околу Нафтената индустрија на Србија, разговаравме и околу работата на Руските железници во нашата земја, околу сè“, рече Вучиќ.
Сепак, иако најавата е јавно дадена, оставката сè уште не е официјално поднесена. Токму затоа вниманието на српската јавност е насочено кон 27 септември, кога ќе стане јасно дали Вучиќ ќе го реализира најавениот потег и ќе ја напушти претседателската функција повеќе од една година пред истекот на својот втор и последен мандат.
Доколку оставката биде поднесена, Србија ќе влезе во нова политичка фаза во која Вучиќ би можел повторно да ја преземе функцијата премиер, позиција што ја извршуваше пред да стане претседател во 2017 година. Аналитичарите во Србија и регионот оценуваат дека неговото евентуално повлекување од претседателската функција не би значело и заминување од политиката, туку можно префрлање на политичкото влијание во рамки на извршната власт.
Ј. Ѓ.
