ВЕСТИЗЕЛЕНАМАКЕДОНИЈА

Започна порибувањето на Охридското Езеро со охридска пастрмка

Денеска официјално започна процесот на порибување на Охридското Езеро со подмладок од охридска пастрмка, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Во првата фаза од оваа значајна еколошка акција учествуваше и заменикот-министер Албрим Хоџа, заедно со претставници на Државниот инспекторат за земјоделство и ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.

Според договорот меѓу Министерството и Хидробиолошкиот завод, во оваа почетна фаза е предвидено езерото да се збогати со 100 илјади единки охридска пастрмка. Од МЗШВ појаснуваат дека станува збор за подмладок произведен од вештачки мрест во 2025 година, при што секоја единка има просечна тежина од околу 16 грама.

Процесот што започна денеска ќе се одвива во наредните пет до шест дена на локалитетите Трпејца, Пештани, Радожда, Калишта, Охрид и Струга. Овие локации, како што се наведува во соопштението, се избрани бидејќи токму од нив минатата година биле уловени матиците од кои е обезбеден репродуктивниот материјал. Целата постапка се спроведува под строг надзор на надлежните институции, со присуство на инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од ресорното министерство најавуваат дека активностите ќе продолжат и во текот на септември, кога ќе се реализира втората, многу поголема фаза. Тогаш е планирано порибување со околу 1,5 милиони единки одгледани од вештачкиот мрест во 2026 година, процес кој се очекува да трае околу три недели.

Со завршувањето на двете фази, Охридското Езеро ќе биде порибено со вкупно околу 1,6 милиони единки од овој автохтон вид. Од Министерството потенцираат дека во соработка со научните институции ќе продолжат со континуираните активности за заштита и обновување на популацијата на охридската пастрмка, што е од суштинско значење за зачувување на целокупната биолошка разновидност на езерото.

Back to top button