ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЗНМ: Заканите кон новинарот Рами Мислими мора да добијат брза и ефикасна судска разрешница

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осудува сериозните закани по животот упатени кон новинарот на порталот „Тетова Сот“, Рами Мислими. Поради сериозноста на случајот, денеска е поднесена и официјална пријава до Секторот за внатрешни работи – Тетово, информираат преку соопштение од еснафското здружение.

Според полицискиот записник, инцидентот уследил по објавување на новинарска содржина и коментар поврзан со претседателот на Советот на Општина Тетово, Алби Камили. Новинарот Мислими најпрво бил телефонски контактиран од Камили, кој му упатил сериозни закани кон него лично, но и кон неговото малолетно дете, со ултиматум веднаш да ја избрише објавата од порталот и од социјалните мрежи. Подоцна, притисокот продолжил и физички, кога во непосредна близина на Општина Тетово на новинарот му се приближило лице кое се претставило како брат на Камили, упатувајќи му ја заканувачката порака: „една камера нема да те заштити“.

Од ЗНМ децидно посочуваат дека ваквите чинови претставуваат недозволив обид за заплашување и замолчување на критичката мисла, како и директен напад врз медиумските слободи.

„Го повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство итно, ефикасно и темелно да постапат по пријавата, да ги утврдат сите околности на случајот и да обезбедат соодветна кривична одговорност за сторителите. Потсетуваме дека со измените на Кривичниот законик, нападите и заканите кон новинари при вршење на нивната професионална дејност се третираат со засилена кривично-правна заштита, односно новинарите во овие случаи се изедначени со службени лица“, се потенцира во реакцијата на ЗНМ.

Здружението најави дека будно ќе го следи развојот на настаните и ќе му ја обезбеди сета потребна правна и професионална поддршка на колегата Мислими. Истовремено, ЗНМ упати апел до сите носители на јавни функции и политички чинители итно да се воздржат од притисоци, бидејќи безбедноста на медиумските работници е основниот предуслов за постоење на слободно и независно новинарство во државата.

Back to top button