КРИЗА СО ВОДАТА ВО ГОСТИВАР: Мицкоски порача дека одговорните ќе сносат последици, СДСМ бара оставка од Клековски
ГОСТИВАР / СКОПЈЕ – Кризата со затруената вода во Гостивар добива правна, здравствена и жестока политичка разврска. Додека податоците на Министерството за здравство покажуваат значително намалување на бројот на новопрегледани пациенти, Владата прогласи кризна состојба за да обезбеди вода, а Обвинителството веќе идентификуваше три лица против кои се преземаат мерки за обезбедување. Во исто време, опозицискиот СДСМ бара итни оставки од целиот здравствен врв поради, како што велат, катастрофален институционален колапс.
Мицкоски: „Прво техничка вода, па вода за пиење – тројца веќе се под истрага!“
Премиерот Христијан Мицкоски објави дека Управувачкиот комитет за кризни состојби ги презема сите механизми на државно ниво откако, според него, била забележана „летаргија кај општинските власти“.
„Важно е сега, откако работата се презема од страна на државните институции, да обезбедиме најпрвин техничка вода, а потоа и вода за пиење. Останатиот дел го води Обвинителството – сите одговорни ќе бидат сослушани и ќе се преземат мерки. Веќе три лица се идентификувани и за нив се определени мерки за обезбедување. Институциите реагираа во најбрзо можно време“, истакна Мицкоски.
Здравство: Трендот на заболени конечно паѓа
Според официјалните податоци од Министерството за здравство за вчерашниот ден (21 јули 2026 година), трендот на лица кои за првпат бараат лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис е во значително намалување:
Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ – Гостивар: Регистрирани се вкупно 108 нови прегледи (60 на инфективното одделение, 37 на педијатрија и 11 во Ургентниот центар). Хоспитализирани се само 2 нови пациенти на инфективно, додека на педијатрија нема ниту една нова хоспитализација.
Здравствен дом Гостивар: Забележани се 87 прегледи во дежурната служба и 17 повици до Итната помош.
Инфективна клиника – Скопје: Регистрирани се 3 нови прегледи на пациенти од Гостивар, при што еден е задржан на болничко лекување.
СДСМ: „Над 3.000 затруени – бараме оставки од Клековски, Андоновска и Миланов!“
Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, излезе со тешки обвинувања на сметка на власта, тврдејќи дека водата била контаминирана уште од 25 јуни, што значи дека граѓаните 22 дена пиеле отров без никој да реагира.
Според СДСМ, над 3.000 граѓани побарале помош или се лекуваат дома, а Центарот за јавно здравје дури три дена пред да се открие труењето излегол со извештај дека водата е безбедна.
„Ова е здравствен дебакл. Првите пациенти се појавија на 13 јули, а ИЈЗ издаде препораки дури по 5 дена. Се случи хаос и институционален колапс, а Обвинителството се повикува на тајност за податоци кои се од јавен интерес. Затоа бараме итни оставки од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на ИЈЗ Марија Андоновска, директорот на АХВ Оливер Миланов и раководителите на локалните центри за јавно здравје“, порача Тренчевска.
Ј. Ѓ.









