Здравко Чолиќ вечерва во Битола пред повеќе од 15.000 посетители
Вечерва во Битола ќе се одржи вистински музички спектакл, при што легендарниот Здравко Чолиќ ќе настапи пред рекордна публика од над 15.000 посетители, соопштија од Општина Битола.
Според информациите од локалната самоуправа и организаторите, публиката доаѓа од цела Македонија и од регионот, следејќи го мотото за овој настан кое гласи: „Каде и да си, на 1 август во Битола да си“.
„Од ‘Avalon International Booking’ истакнуваат дека ова е апсолутен рекорд за еден концерт во Битола, а и пошироко, вклучувајќи го и Охрид“, се наведува во официјалното соопштение од Општината.
Вратите на стадионот за посетителите ќе бидат отворени од 19:00 часот. Поради огромниот интерес и очекуваната масовна посетеност, од Општината и од организаторот препорачуваат навремено доаѓање. Официјалниот почеток на концертот е закажан за 21:00 часот.







