
Претстојниот викенд, Битола на своите сограѓани и на сите посетители им нуди уникатна културно-уметничка програма, карактеристична за градот кој живее во духот на фестивалот „Бит Фест“. Општина Битола најавува три големи настани кои ќе ги задоволат вкусовите на сите љубители на музиката.
Вечерва, во прекрасниот амбиент на Античкиот театар Хераклеа, ќе настапи светски познатиот македонски класичен пијанист Симон Трпчески. Како еден од најголемите културни амбасадори на Македонија, чија кариера вклучува настапи со Лондонската филхармонија и Филаделфискиот оркестар, Трпчески ќе понуди музичко доживување од светска класа. Концертот е во организација на „Прагма продукција“ со поддршка на Општината.
Паралелно, на 14 и 15 август, Битола го добива својот прв фестивал посветен на чалгијата – „Битолски чалгиски денови“. Првиот ден (14 август) започнува со едукативен семинар во Офицерскиот дом во 11:00 часот, додека вечерната програма од 20:30 часот се сели во Старата Чаршија со настапи на Чапче и Тајфата, Филип Шурбевски Езгија Квартет, „Мерак чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
На 15 август, фестивалот продолжува со пајтонско дефиле на Широк Сокак (18:00 часот) и музичка програма во Чаршијата, каде ќе настапат Чапче и Тајфата, Љубојна и Битолскиот Чалгиски Оркестар.
Културниот викенд ќе се заокружи на 16 август (20:00 часот) со спектакуларен концерт на Националниот џез оркестар. Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ќе ја изведе програмата „Македонски сновиденија“ – енергична фузија од македонски фолклор и современ џез, проект кој веќе бележи огромен меѓународен успех.







