ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

Дваесет гастрономски брендови на второто издание на „AERO Street Food Festival“ во Скопје

Паркот „Авионче“ во Општина Аеродром од 4 до 8 септември ќе се претвори во голема кујна под отворено небо, каде што ќе се одржи второто издание на фестивалот за улична храна „AERO Street Food Festival“. Годинава, настанот ќе обедини 20 гастрономски брендови кои ќе понудат широк спектар на специјалитети, од традиционална македонска кујна до современи интернационални јадења од уличната гастрономија.

Посетителите ќе имаат можност да вкусат различни светски вкусови, почнувајќи од мексикански такоси кои ќе ги подготвуваат „Mustacos“ и „11: Eleven“, па сè до визуелно впечатливо суши од „Loras Sushi“. Ѕвездите на уличната гастрономија, бургерите и сендвичите, ќе ги приготвуваат „Fat Kitchen“, „Burgerslut“, „Jojo’s BBQ“ (кои ќе понудат и хот-дог), „Oljo’s“ и „Smash Burger“. Медитеранскиот дух ќе го донесе „Noa Gyradiko“ со свежо гиро, додека топол печен компир со прилози по избор ќе служи „Жешко компирче“.

Италијанската кујна ќе биде застапена преку свежата паста и кроасани на „Bistro 64“, ароматичната фокача на „Sorelle“ и пиците на „15 за 12“ и „Pizza Vice City“. Во менито свое место ќе најдат и традиционалните кебапи на „Дестан“. За слаткиот дел од фестивалот ќе се погрижат „Scoop“ и „Sweet Look“ со освежителен сладолед, „Milkey“ ќе понуди палачинки, додека десертното мени ќе го надополнат „Сутлијаш бар“ и топлото печиво од „Трансилваниско трдло“.

Организаторот на фестивалот, Дарко Панчевски, истакна дека целта е настанот да прерасне во препознатлива градска традиција која спојува квалитетна храна, домашна музика и добра енергија. Тој додаде дека годинашното издание е поголемо, поразновидно и посодржинско, изразувајќи благодарност за поддршката од Општина Аеродром и Град Скопје кои ја препознале нивната визија.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, порача дека фестивалот потврдува оти општината е место каде што се создаваат убави моменти, се негува културата и се гради заедништвото. Тој изрази задоволство што паркот „Авионче“ повторно ќе биде центар за музика, дружење и забава за сите генерации, нагласувајќи дека општината секогаш ќе поддржува настани кои носат позитивна енергија и го оживуваат јавниот простор.

Гастрономското уживање на „AERO Street Food Festival“ ќе биде придружено и со богата програма на македонски музички изведувачи.

Поврзани вести

Back to top button