
Новото урбанистичко и сообраќајно решение на улицата „Рузвелтова“, каде што влезот во објект е предвиден директно од главната сообраќајница наместо од задната страна, отвора сериозно прашање за безбедноста на пешаците и возилата во скопски Центар. Во населба во која паркирањето претставува огромен проблем, а зеленилото постојано се намалува, секое вакво решение дополнително го оптоварува просторот. Овие забелешки за инфраструктурните промени во Дебар Маало ги изнесе Сашо Поп-Илиоски, претседател на правната комисија на Општинскиот комитет Центар на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во партиското соопштение.
Нарекувајќи го градоначалникот „Горан Бетон Герасимовски“, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека тој и неговиот ментор Венко Филипче претходно ветувале затворање на Дебар Маало со цел заштита на квалитетот на животот на жителите, но во реалноста постапуваат спротивно. Поп-Илиоски посочи дека актуелната градска локална власт, наместо да им го олесни животот на граѓаните, со ваквите чекори дополнително им ги отежнува секојдневието и движењето, прашувајќи каде се ветените решенија за безбедноста, паркинг-просторот и зачувувањето на зеленилото.
Граѓаните кои веќе живеат таму, како што се нагласува во партиската изјава, заслужуваат да знаат кој ги одобрил ваквите инфраструктурни решенија и дали претходно е направена соодветна стручна процена на безбедноста. Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека не може да се ветува уредено и хумано Дебар Маало, а притоа да се носат одлуки што отвораат нови проблеми за локалното население, потенцирајќи дека овој простор не смее да биде полигон за експериментирање. Поп-Илиоски побара од Општина Центар да ја преиспита безбедноста на спорниот влез од улицата „Рузвелтова“ и јавно да објасни како планира да ги заштити пешаците, да го реши проблемот со возилата и да го зачува зеленилото, бидејќи жителите заслужуваат конкретни решенија, а не уште едно неисполнето ветување.










